Македонија
25. јуни 2020 - 16:43

Филипче бара разрешување на директорот на Центарот за јавно здравје

Дали е на повидок нов парадокс? Утре се отвораат границите без никакви ограничувања, но се уште нема одлука за укинување на државниот карантин и дали граѓаните кои деновиве влегле во земјава со негативен ПЦР тест ќе можат да излегуваат од дома или ќе останат до 14-от ден во самоизолација зошто добиле решение. Министерот Филипче вели дека сеуште се бара правно решение.

-Во моментов се бара правна форма со која луѓето кои сега имаат такво решение за изолација и ги поминале границите ќе се ослободат од изолацијата и од државниот карантин. Правниците два дена интензивно работат на тоа поле и се блиску до решение, изјави д-р Венко Филипче-министер за здравство.

Филипче најави разрешување на директорот на Скопскиот центар за јавно здравје откако Арбен зибери на Фејсбук објави дека како член на Комисијата за заразни болести и како партија ДУИ дале придонес,  да се отворат границите  без тестови и изолација и ги повика иселениците да дојдат дома за Албанец премиер.

-Прво тоа не вистина, Зибери не е член на Комисијата за заразни болести. Сметам дека тоа е евтина и лоша реторика во предизборна кампања. Ваква одлука не доликува на доктор, а посебно не на директор на таква институција“, рече Филипче.

На ова одговори директор на Скопскиот центар за јавно здравје.

-Министерот Филипче да престане да ја злоупотребува владината говорница за изборни препукувања. Јас сум кандидат за пратеник и имам право на мојот приватен Фејсбук профил да имам и политички ставови, при тоа во ниту еден момент злоупотребувајќи ја институцијата која ја водам, како што за жал прави министерот Филипче со ваквите изјави со изборна позадина, изјави за Сител д-р Арбен Зибери, директор на ЦЈЗ Скопје.

Претставникот на СЗО кој е во посета на Македонија рече дека коронавирусот се уште е во прва фаза, а причина за повторното појавување се олабавување на мерките и однесувањето на луѓето. Според советникот на директорот на СЗО за Европа, високата смртност во земјава е поради транспарентноста на здравствените власти да ги пријавуваат сите случаи.

–Ова што го гледаме во моментов во Македонија е загрижувачко. Поуката што треба да ја извлечеме е дека до пронаоѓањето на делотворна вакцина, не смееме да се опуштиме, односно да го спуштиме градот. Дејствата што ќе се преземат овие денови, но и во неделите и месеците кои претстојат ќе бидат критично важни со цел да се спречат случаите на новозаразени и да се спасат човечки животи. Оваа моја посета на вашата земја, се случи токму навреме. Она што го гледаме низ светот укажува на заклучокот дека вирусот нема наскоро да си замине, напротив, тој брзо се шири и коси животи и треба да направиме сè што е потребно да му се спротивставиме на проактивен начин,  рече во своето излагање советникот на регионалниот директор на СЗО Европа, Фабио Скано. 

Утре во весник јавно ќе бидат објавени имињата на 138 лица кои одбиле да примат решенија за самоизолација од ДСЗИ.