Македонија
12. October 2020 - 16:47

На Струмица и недостасува здравствен персонал

Струмичката болница се полни со пациенти позитивни на Ковид-19. На инфективното одделение подолго време нема место, а веќе се наполни и дополнителниот простор кој беше отворен пред една недела. Поради ова уште неколку простории од амбулантите во општата болница се адаптираат за пациенти позитивни на корона. Но,  недостатокот на простор не е единствениот проблем со кој моментално се соочуваат во болницата. Проблем е и персоналот. Недостасуваат и лекари, но и медицински сестри. Ова посебно дојде до израз откако минатата недела кај двајца доктори и три сестри беше потврден корона вирусот.

,,Немаме доволно доктори, немаме сестри кои што ќе ја покриваат работата во овој оддел на инфективното одделение. Вчера бевме во контакт со заменик министерот за здравство и со него се договоривме, едноставно побаравме помош како за доктори така и за медицински сестри како би ја пополниле празнината која е потребна за да се лекуваат пациентите во нашата болница. Со тој персонал што го имаме сега тоа е малку и неиздржливо да се постигне целата работа што е потребна,, вели Д-р Наќе Гогов, директор на општа болница Струмица.

Директорот на болницата очекува веќе од среда да пристигне медицински персонал од другите центри кои ќе им помагаат на нивните колеги од Струмица. Овој персонал треба да ја покрива работата во дополнителниот простор што се подготвува за прием на нови пациенти позитивни на ковид. Инаку, во моментов во Струмица се лекуваат полесните случаи, додека пациентите со потешка клиничка слика се упатуваат во Скопје и Штип. Заклучно со вчера, во Струмица беа регистрирани 264 активни случаи.