Македонија
1. November 2020 - 16:34

Струмичката болница има само две стари амбулантни возила, директорот добил ветување за уште едно

Струмичката болница покрива регион од над 200 000 жители, а моменатлно има само две амбуланти возила што може да ги користи за транспорт на пациенти. И двете се стари над 20 години и амортизирани. Во изјава за Сител директорот на болницата вели дека се работи за проблем што го имаат подолго време, но сега во период на пандемијата  посебно дошол до израз.  Се  случувало едно возило и по два пати на ден патува до клиниките во Скопје. Често пати решение барале со позајмување возила од брзата помош. За ваквата состојба било информирано и министерството за здравство од каде им ветиле две возила.

,,Во болницата моментално имаме две возила кои се стари по 23 години и многу искористени, многу амортизирани. Скоро секој ден, секој втор ден се во Скопје. Во 8 ми септември носиме пациенти со потешка клиничка слика на Ковид 19, носиме на инфективна клиника во Скопје. Некогаш возилата откажуваат и на пат, се расипуваат. Министерството ни обеќаше дека ќе ни даде две возила. Ги очекуваме наредната недела. Се надеваме дека ќе ни обезбедат возила оти ние сме најдалеку, нај далека дестинација до Скопје. Струмица и Охрид се најдалеку за да се носи пациент на терцијарно лекување на клиниките во Скопје.,, вели д-р НАЌЕ ГОГОВ - ДИРЕКТОР НА ОПШТА БОЛНИЦА СТРУМИЦА

Од власта најавија решение, но возилото ќе стаса најдоцна до крајот на годината. Ова преку објава на фејсбук го соопшти пратеникот од СДСМ Костадин Костадинов.

,,Во консултации со премиерот Зоран Заев и министерот Венко Филипче сакам  да ја информирам јавноста дека е обезбедено ново амбулантно возило и најдоцна за 2 месеци, до декември оваа година треба да пристигне за струмичката болница. Дополнително се прват напори и за повеќе, во првото тромесечије од 2021 како донација од Кина ќе пристигнат 60 амбулантни возила за Македонија, напиша Костадинов.

Во меѓувреме,  опозицијата открива дека тие преку амандман со ребалансот  побарале набавка на три нови возила, но власта го одбила.

,, Како пратеници од струмичкиот регион поднесовме амандман на ребалансот на буџет, кој е во постапка, за прераспределба на 3,5 милиони денари за набавка на три амбулантни возила за Болницата во Струмица, но за жал пред неколку дена власта овој амандман го одби со образложение дека не е потребна таква набавка.,, рече ДАЈАНЧО ЕФТИМОВ -пратеник од ВМРО ДПМНЕ.

Проблемот со амбулантните возила во струмичката болница стана актуелен откако директорот на болницата преку фејсбук упати апел за донации за набавка на ново возило, но после триесетина минути  ја повлече објавата. Причината биле негативните коментари, но и најавата од компанија која веќе понудила помош.  Освен возилата,  веќе подолго време сериозен проблем на струмичката болница и претставува и недостатокот од медицински персонал.

Во меѓувреме расте бројот на новозаразени од корона вирус во регионот. Вчера беше регистриран нов дневен рекорд со нови 80 позитивни граѓани со што бројката на активни случаи во струмичко надмина 550.