Гевгелија стартува едукативна кампања – како да се заштитите од Ковид 19
Гевгелија започна локална информативна кампања за заштита од корона вирусот. Заедно со сметките за комунални услуги граѓаните ќе добиваат едукативни флаери во кои покрај информациите за основните мерки има и податоци за моменталната епидемиолошка состојба во општината. Целта е и на ваков начин да се допре до секој граѓанин и да се укаже дека само со дисциплина и почитување на сите мерки за заштита состојбата може да се смени.
Минатата недела со одлука на општинскиот кризен штаб во Гевгелија беа формирани патролни групи во сите месни заедници со цел да ја контролираат состојбата на терен и почитувањето на мерките. Тие немаат ингеренции да санкционираат, нивна задача е да контролираат и за секое непочитување на мерките да ги информираат општинските и државните служби. Во изминатата недела колку што патролираат на терен било констатирано дека најголемите прекршувања посебно во делот на групирања ги прават младите.
Претходно, со одлука на општинскиот кризен штаб Гевгелија воведе посебни протоколи на градскиот пазар, а во договор со верските заедници решија да биде затворена и капелата. Во моментов во Гевгелија има 200 активни случаи на корона вирус, а шест лица починаа.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
