Македонија
7. November 2020 - 16:39

Штип два дена без вода

Два дена среде пандемија Штип остана без вода за пиење. 80 % од градот и цела индустриска зона немаат вода поради дефект на главната водоводна линија. Ова е втор пат во 4 дена градот да остане без вода. Претходно се расипа турбината за озонорање на водата во филтер станица, поради што беше запрена испораката.

- Овој систем е стар 40 години и цевната мрежа е причина за настанување на овој дефект- изјави Валери Спаимов, раководител на Водовод и канализација ЈП „Исар“ - Штип.

Иако од ЈП до доцна во ноќта се обидуваа да го санираат дефектот, откако беше монтирана новата цевка, увиделе дека профилот не одговара на оригиналот и дошло до претекување. Граѓаните се револтирани, зашто ова се почесто се случува.

- Ако на едно место санираат, после се зголеми притисокот на друго место и избие. На ништо не личи ова - изјави граѓанин

Од утринава повторно се работи на санација, но нема најави кога ќе профункционира водоснабдителниот систем. После 30 часа започна да се доставува вода со цистени, три со техничка и две со вода за пиење, но тие не се доволни да ги задоволат потребите на околу 35 000 жители и индустријата. Продавниците забразано ги трошат резервите со флажирана вода.