Македонија
7. November 2020 - 16:42

ВМРО-ДПМНЕ ќе ги бојкотира изборите во Штип

Сашко Николов од СДСМ, Лазар Наумов од ТМРО и Трајче Митев како независен кандидат, досега до ОИК поднеле кандидатури за претстојните избори за градоначалник на општина Штип. Рокот за доставување на кандидатурите истекува вечерва на полноќ, а претседателката на ОИК, Сенка Андреева вели дека ќе имаат дежурна екипа, која ќе остане да ги чека оние кои во последен момент ќе одлучат да се кандидираат.

До 24.00 ќе чекаме кандидатури на политички партии- изјави Сенка Андреева, претседател на ОИК-Штип.

Во јавноста се шпекулира дека свои кандидати ќе имаат и партиите ПОДЕМ и Левица. Од најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ побараа да се одложат изборите за градоначалници во општините Штип и Пласница, поради влошената здравствена состојба во земјата, што според нив е најрационално решение.

Ги наведовме и причините, но, гледаме дека СДСМ и ДУИ останаа осамени, буквално осамени во таа битка и секој нормален човек во државава, кој што нормално, не размислува како нив, е за одложување на изборите- изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Изборите за градоначалник во Штип и Пласница се закажани за 13 декември, а вториот изборен круг е на 27 декември. Граѓаните ќе гласаат според здравствените протоколи, кои важеа и за предвремените парламентарни избори.