Македонија
8. November 2020 - 16:51

Драматичен пораст на смртноста од Ковид 19 - За шест дена 106 смртни случаи

Најцрна недела од почетокот на пандемијата во Македонија. За само 6 дена починале 106 лица, а според официјалната статистика од ИЈЗ претходната недела битката со вирусот ја загубиле 88 граѓани.

Во вторникот беа евидентирани најмногу дури 24 смртни случаи за едно деноноќие.

Најмладиот починат пациент оваа недела е 21-годишно момче од Кавадарци, два дена претходно од Ковид почина и неговиот брат на 26 години. И двајцата имале други здравствени проблеми.

За трагедијата во оваа семејство градоначалникот Јанчев преку социјалните мрежи информираше уште во четвртокот, а смртта на момчето беше евидентирана дури во вчерашниот извештај испратен од Министерството за здравство.

- Неговото име не беше објавено 24 часа по смртта поради техничка грешка. 21-годишникот во ситемот за земен ПЦР тест, беше заведен под презиме кое за една буква се разликуваше од точното. Во петокот доцна попладне неговиот идентитет во ситемот беше утврден преку матичниот број, затоа информацијата за него беше објавена во саботниот извештај, одговорија од Министерството за здравство.

Од компликации од Ковид вчера почина и 50-годишен доктор радиолог од тетовската клиничка болница. Тој е 11-от здравствен работник која ја загуби битката со вирусот. Имал неколку хронични заболувања, срцева слабост и обезност.

Според извештаите од ИЈЗ дури 80 проценти од до вчера починатите од Ковид 1110 лица имале коморбидитети. Според професорот Игор Спироски се повеќе научни студии покажувале дека и дебелината носи зголемен ризик од негативен исход од инфекцијата доколку дојде до влошување на состојбата.

- Тоа тело на докази кое се повеќе се зголемува дека има неколку механизми заради таа ситуација. Едниот е строго механички, луѓето кои се дебели и по својата конституција многу тешко ги поднесуваат проблемите со дишењето исто така и доколку дојде до тешка ситуација, и самите не можат да се носат со можноста да земат поголема количина на воздух, изјави за Сител проф. д-р Игор Спироски, од ИЈЗ.