Македонија
9. November 2020 - 19:55

Заев, Вучиќ и Рама договорија отворање на границите без ПЦР тестови

Доколку македонски државјанин со Ковид-19 се најде во Србија или Албанија и има потреба од хоспитализација нема да плаќа ништо, а трошокот за негово лекување ќе го преземат тие земји. Ова е предвидено во меморандумот кој го потпишаа Премиерите на Македонија, Србија и Албанија. Овие три држави меѓусебно ќе си помагаат и со кадар и сместувачки капацитети ако дојде до преоптовареност на некој здравствен систем. Заедно ќе работат и на обезбедување вакцини за корона вирус. Се очекува од среда македонските граѓани да можат да патуваат во Србија без ПЦР тест, но за ова треба зелено светло да даде нивната Влада на утрешната седница.

-Доколку некој граѓанин на Северна Македонија се разболи и треба да се лекува во Албанија или Србија, тогаш нашите соседни држави ќе го покријат лекувањето и нашиот граѓанин нема да плаќа од својот џеб. Истото ќе важи и за граѓаните на Албанија и Србија доколку се затечат на нашата територија и им е потребна помош. Ова се моменти на солидарност, на трезвено размислување, и на поткрепа која си ја даваме меѓу себе, рече Премиерот Зоран Заев.

Македонскиот и Албанскиот Премиер како и Српскиот Претседател се надеваат дека уште повеќе ќе се продлабочува регионалната соработка и изразија оптимизам дека сите три земји ќе напредуваат во процесот на евроинтеграциите и очекуваат подршка за земјите од Западен Балкан.

-Утре очекувам сериозна поддршка за европскиот пат на сите шест земји членки од Западен Балкан кои сме кандидати и сакаме да бидеме побрзо полноправни членки на ЕУ. И секако очекувам дека Берлинскиот самит утре ќе ја испрати уште еднаш пораката на почеток на преговорите односно отворањето на првите поглавја односно одржувањето на првите меѓувладини конференции на ЕУ со Република Албанија и со Република Северна Македонија, истакна Заев.

- Со утрешниот Софиски самит почнува нова фаза во нашата блиска соработка, кога во оваа иницијатива и соработка ќе се вклучи Косово, а очекуваме и вклучување на другите држави од регионот на Западен Балкан, рече Премиерот ан Албанија Еди Рама.

-Ќе ги подржиме и Тирана и Скопје на нивниот пат до ЕУ, рече Претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Инаку со потпишувањето на денешниот меморандум и меѓу Србија и Албанија ќе се патува само со лична карта. Ние на ваков начин веќе патуваме и во двете земји.