Македонија
17. November 2020 - 16:52

Комеморативна седница во СПМ по смртта на Љубисав Иванов - Ѕинго

Љубисав Иванов - Ѕинго замина од македонската политичка и стопанска сцена, човек кој зад себе остави дела достојни за почит и признание од целиот македонски народ, особено за жителите на Кратово, но и многу пошироко за сите граѓани во Република Македонија, рече Љупчо Димовски од Социјалистичката партија на комеморативната седница.

- Љубисав Иванов – Ѕинго беше сестрана креативна личност со ангажирање скоро во сите области на политичкиот и економскиот живот на Република Македонија и пошироко во поранешна Југославија и надвор од неа. Остави печат на силна, мудра личност со богато политичко и економско искуство. Тој беше морторот на сите стратегиски активности на Партијата, околу дефинирањето на целите на македонската внатрешна политика кои несебично ги споделуваше со своите соработници, но и со државното раководство, рече Љупчо Димовски.

Љубисав Иванов – Ѕинго беше голем патриот, Македонец кој си ја сакаше својата татковина и македонскиот народ, рече Димовски.

-Тој често пати не потсетуваше на историската одговорност на македонските социјалисти за идејата за Македонија, во градењето на современа македонска држава и особено за нашата одговорност за нејзина заштита, како света обврска. Тој така размислуваше, тој така и делуваше и тој беше иницијаторот во конципирањето и поставувањето на стратегиските позиции на македонските национални и државни интереси конципирани во партиската Декларација,  истакна Димовски.

На Комеморативната седница Димовски истакна дека Љубисав Иванов – Ѕинго зад себе остави крупни капитални објекти во областа на економскиот развој, во туризмот, во медиумскиот простор, во спортот и во други области на животот во Македонија.

-Неговото семејство и сите ние кои го познававме и работевме со него му оддаваме длабока почит и признание за се она што ни го остави во наследство, не само нам и на неговото семејство, туку и на сите граѓани на Македонија. 

Претседателе и другар Ѕинго, со најголемо почитување кон тебе, вечна ти слава.