Македонија
18. November 2020 - 16:42

Нови прашања за третманот во штипската болница

Зејнел Хусеинов, син на 54 годишната Рукман Хусеинова три дена по ред бара одговор на прашањето од што починала неговата мајка на инфективното одделение во штипската клиничка болница. Рукман во болница е примена на 6-ти овој месец и како суспектна на Ковид-19 веднаш е хоспитализирана на инфективно.

-Немаше никакви симптоми. Температурата и беше 36,1, ниту кашлаше, ниту имаше некакви други симптоми – изјави Зејнел Хусеинов, син на починатата пациентка.

На 7-ми, 12-ти и 13- ти и се направени три последователни тестирања и сите имале негативен резултат, но Рукман сепак е задржана на инфективното одделение. 

-Мајка ми беше при свест 2 дена. Излегуваше и на терасата, се слушавме. Од третиот ден само слушавме како мајка ми вика и се мачи. Зошто не ја префрлија на друго одделение, туку ја оставија да се мачи и да умира, како што умреа уште многу – прашува Зејнел

Хусеинов за мајка му која починала на 15-ти и иако не била ковид позитивна, телото на семејството е предадено во затворен ковчег.

-Ние мајка ми ја погребавме како да е болна од Ковид-19. Ние сме муслимани, а мајка ми ја погребавме во сандак - додаде Зејнел.

Кога отишол да ги побара личните работи на неговата мајка, следувало уште едно непријатно изненадување.

-Вчера отидов да и ги земам алиштата, мобилниот телефон и некои други работи што ги имаше, и денес одев, нема кој да ми ги даде. Јас не знам, јас не знам... Никој ништо не знае, сите се кријат и тоа е, вели Зејнел.

На обвинувањата на Зејнел, побаравме одговор од инфектолозите од одделението, кои информираа дека пациентката била со симптоми на Ковид и со сите параметри кои укажуваат на болеста. Според протоколот во услови на епидемија, секој починат пациент на инфективно одделение на семејството се предава во затворен ковчег.