Македонија
12. December 2020 - 16:32

Црвениот Крст од Струмица станува регионален центар за обука на негуватели на стари лица

Црвениот крст од Струмица станува регионален тренинг центар за обука на негуватели на стари и изнемоштени лица. Проектот ќе се имплементира во соработка со австрискиот Црвен Крст и австриската развојна агенција. Проектот ќе трае три години, а за тој период планирано е да бидат опфатени 160 лица од сите десет општини од југоисточниот плански регион кои ќе добијат професионална обука за грижа на стари лица. Обуката ќе се реализира според новата програма на министерството за образование на возрасни.

,,Со ваквите обуки ќе може да овозможиме развој на сервиси кои што би ја давале таквата услуга на терен и кои ќе може да се регистрираат во центрите за социјални работи, меѓутоа нудиме и можност на лицата кои што сакаат да имаат свое занимање или сами професионално да се ангажираат да ја нудат услугата и така да заработуваат за својот живот.,, вели Маријана Тошева - секретар на Црвен Крст Струмица.Меѓу другото проектот има цел да воспостави модел кој е составен од три начелни столба од кој понатаму се очекува генерирање на приходи за грижа и услуги за постарата популација. Преку него освен што ќе бидат зајакнати капацитетите на црвениот крст ќе се овозможи голем број лица да добијат дополнителни квалификации, а со тоа да станат и поконкурентни на пазарот на труд.