Македонија
13. December 2020 - 16:34

Нема интерес за издавање на народното творештво

Народното творештво и фолклорот се рожба на народниот дух и затоа треба да им се посвети поголемо внимание. Ова го  порачува фолклористот и писател Иван Котев. Современиот Марко Цепенков, како што често го нарекуваат кој цели 50 години неуморно работи на истражување на македонскиот фолклор и собирање на народното творештво, вели се работи за огромно богатството, но  за жал многу малку има интерес за негово издавање.

,,Тоа е капитална работа на која што треба нашите врвни политичари и научници да обрнат поголемо внимание бидејќи народното творештво, фолклорот е фактички рожба на народниот дух на нашиот народ од сите слоеви.,, вели Иван Котев, фолклорист и писател. 

Во изминатиот половина век, Котев собрал неколку илјади песни, приказни, умотворби. Голем дел од нив го нашле своето место во неговите книги како што е последната насловена Араптази. Во неа на 530 страници се сместени стотина народни приказни со оригинални мотиви од кои некои ги нема ниту во светската литература. Но, неколку стотици и понатаму остануваат во архивите чекајќи некој да ја препознае нивната вредност.

,,Имам собрано илјадници. Јас не можам да ги избројам. Имам сигурно уште преку 200 приказни, сигурно имам уште 1000 песни, имам сигурно уште 20.000 поговорки и пословици. Тоа е едно огромно богатство кое што треба да се обзнани.,, вели Котев.

До сега Иван Котев има издадено 13 книги. Сите песни, приказни, умотворби се собрани со директни истражувања на терен. Ова народно творештво било зачувано благодарение на усните преданија и нивното пренесување од колено на колено.