Истрагата за Глобал сеуште трае
Еден месец по големиот пожар во трговскиот центар Глобал во Струмица се уште не е познато како тој настанал и што го предизвикало.Од обвинителството информираат дека интензивно работат на случајот. Веќе биле сослушани 15 лица кои може да дадат податоци потребни за истрагата, а се вештачеле и снимките од видео надзорот, односно ресиверите. Обвинителството најавува вештачење и на целокупната градежно техничка документација за објектот.
-Обвинителството ја одзеде целокупната градежно техничка документација од општината во врска со ТЦ Глобал, по што се дадени наредби за вештачења кои се очекува да пристигнат. Пристигнати се податоци и документација која беше побарано од ЈПКД Комуналец Струмица, претпријатието кое стопанисува со тезгите - пазарот во внатрешниот дел на ТЦ Глобал, . Стои во писмената информација од јавното обвинителство
Во пожарот во трговскиот центар Глобал кој избувна доцна вечерта на 2 јануари оштетени се 44 деловни објекти и 24 тезги. Висината на штетата засега не е позната. По барање на обвинителството за тоа ќе се произнесе вешто лице. Истовремено економските оператори сами прават проценка, а барањата ги доставуваат до општинската комисија за проценка на штети. До нив заклучно до вчера пристигнале 35 барања, односно записници за проценета штета.
Во меѓувреме интензивно се работи на санирање на оштетените делови. Опожарениот дел е ограден, а во другиот кој не беше зафатен со огнот се прави чистење подготовка за повторно ставање во функција. Се работи и на неопожарениот дел од градскиот пазар кој според најавите треба да започне со работа за околу десетина дена.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
