Македонија
7. February 2021 - 16:59

Две години по кражбата на плоштадот во Струмица ја нема ѕвездата на Пандев

Наместо симбол кој сведочи за големиот успех на најдобриот македонски фудбалер, празен простор полн со песок и по некој отпушок од цигари. Ваква е сликата во самиот центар на струмичкиот плоштад Гоце Делчев. Повеќе од две години откако беше украдена, местото на кое стоеше ѕвездата во чест на Горан Пандев е празно. Оригиналната уште не е најдена, а нова за сега нема. Прашавме во полиција за истрагата и дали се знае кој и зошто ја има откорнато. Одговорија  дека СВР-Струмица презема мерки за откривање на сторителот или сторителите, по што ќе следи соодветен поднесок.

Се обративме и до општина Струмица. Прашавме зошто повеќе од две години просторот стои празен и ја нагрдува сликата на централниот дела  градскиот плоштад, но и дали планираат да постават копија на украдената ѕвезда или пак на тоа место планираат нешто друго. Информираа дека  на истото место ќе стои нова ѕвезда, а ќе била поставена во март заедно со реконструкцијата на плоштадот.

Ѕвездата на Горан Пандев на плоштадот Гоце Делчев во Струмица беше поставена во 2010 година. Истата година година кога се изгради и новиот плоштад.Ѕвездата е поставена како симбол на освоената титула за Европски и светски шампион со италијанскиот клуб Интер.

Ѕвездата поставена во чест на Горан Пандев како благодарност за неговата афирмација на градот беше украдена на 1 ноември 2018 година. Од тогаш местото на кое таа стоеше е празно.