Loading Video...
Македонија
8. February 2021 - 16:47

Вакцината на АстраЗенека укината во Јужна Африка, не е ефикасна против тамошната мутација

Јужна Африка ја стопира вакцината на АстраЗенека зошто не штити од мутацијата на коронавирусот која е откриена во таа држава. Според тамошните екперти иако се работело за мала студија резултатите покажале дека обезбедува само 10 проценти заштита од јужноафриканскиот сој на вирусот.

- Донесовме одлука привремено да го стопираме вакцинирањето со вакцината на АстраЗенека, мораме да направиме дополнително истражување за да ги испитаме сите факти, изјави министерот за здравство на ЈАР, Звели Мкизе.

Британското министерство за здравство пак уверува дека нема сериозни докази за ваквото тврдење и само на кратко престанале да ја користат оваа вакцина.

- Го слушав утрово министерот за здравство на Јужна Африка. Тоа што тој го вели е дека се работи за многу рана фаза и постојат две причини поради што се паузира привремено употребата на вакцината. Прво, се работи за привремено паузирање за краток период и дополнително ќе информираме за тоа. Во Обединетото кралство се уште е доминантна оригиналната варијанта на вирусот, а во Јужна Африка властите се уште испитуваат дали таму доминира нивниот, јужноафрикански сој, изјави Едвард Аргар Министер за здравство во Велика Британија.

И Македонија очекува 103.200 дози од АстраЗенека преку Ковакс механизмот на СЗО. Првите количини се најавени за во март. Здравствените власти тврдат дека будно ги следат сите информации за овој производ.

- Вакцината на АстраЗенека, е вакцина што во делот на клиничките студии во една возрасна категорија имала помалку испитаници, меѓутоа и самиот производител сега сето тоа го менаџира. Додаде дека се уште е рано да се каже дали навистина има помала ефикасност кон некои од соевите на мутација на вирусот, но нашиот стручен тим внимателно ги следи буквално сите публикации, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Вакцината на АстраЗенека не ја одобри ниту Швајцарија, а повеќе држави во ЕУ го забранија овој производ за населението над 65 години со образложение дека не обезбедува доволна заштита. Во Хрватска пак денеска почна вакцинација со истата вакцина.

За вакцината на британско-шведскиот компанија денес расправа и СЗО дали да даде препорака за итна употреба на производот на АстраЗенека.