Актерите од Струмица излегуваат на протест
Драмскиот ансамбл на струмичкиот театар утре излегува на протест. Одлуката доаѓа како резултат на неуспешните средби со ресорната министерка и националниот координатор за култура. Ниту во првиот ниту во вториот случај не успеале да ги убедат надлежните дека кандидат чие формално образование е наставник по физичко воспитување не треба да биде директор на институција како што е центарот за култура. На синоќешната средба со Роберт Алаѓозовски само им бил повторен ставот дека нема правни пречки досегашниот директор на детската градинка во Струмица да застане на чело на нивната установа.
,,Согласно законот за слободен пристап до информации поднесовме и барање до ресорното министерство и денеска ја добивме комплетната документација од кандидатурата на избраниот кандидат. Сега со нашиот правен тим ќе ги разгледаме документите и нашата битка планираме да ја продолжиме по правен пат. Нашето незадоволство додека трае целата таа правна процедура ќе го искажеме со протести.,,вели Ванчо Василев - претставник на драмски ансамбл на струмички Татар.
Освен во Струмица, актерите најавија дека во четврток ќе протестираат и пред министерството за култура. Нивното барање е поништување на конкурсот за директор и распишување нов. За таа цел минатата недела ја започнаа иницијативата ,, Фис – култура или култура,, кој доби поддршка од околу 320 културни работници од целата држава. Меѓу нив има голем број актери, драмски писатели, музичари, ликовни уметници, режисери, костимографи и сценски работници.
