Македонија
10. February 2021 - 16:34

Актерите од струмичкиот театар утре на протест пред Министерството за култура

Култура сега, бараат актерите од струмичкиот театар „Антон Панов“. Незадоволството од одлуката за директор на Центарот за култура да биде назначен наставник по физичко образование го изразија на мирен протест. Преку перформанс на градскиот плоштад упатија и неколку пораки до надлежните. Им порачаа дека театарот не е играчка, да ги тргнат рацете од културата, да го одделат спортот од неа, но и потсетија дека нивната институција е центар за култура, а не за фис култура. Најавија дека веќе покренале и правна постапка за разрешување на случајот.

Протестот продолжува и утре, но локацијата ќе биде пред Министерството за култура. Драмскиот ансамбл од струмичкиот театар покрена и иницијатива насловена „Фис култура“ или култура која доби поддршка од преку триста работници од културата од целата држава. Претходно актерите имаа средби со ресорната министерка и националниот координатор за култура, но и во двата случаи не било прифатено барањето за поништување на конкурсот со одговор дека назначениот кандидат ги исполнува условите и нема никакви правни пречки во неговиот избор.