Во март нов повик за социјални станови во Струмица
Во текот на овој месец треба да биде распишан новиот оглас за распределба на становите во социјалната зграда во Струмица. Од министерството за транспорт и врски информират дека повторно е формирана комисија која веќе работи на новиот повик .За добивање на овие станови ќе може да се пријавуваат сите граѓани од социјално ранливите категории од општина Струмица на кои што им е потребен кров над глава. И покрај тоа што зградата беше завршена пред околу три години становите останаа празни бидејќи претходните повици за нивна распределба поминаа безуспешно. Според министерот за транспорт и врски, главна причина бил големиот број на пријавени кандидати од соседните општини.
,,Претходните обиди за тоа што не била распределена оваа зграда било тоа што имало пријавено повеќе кандидати од околните општини, но методологијата која што ја има по закон пропишано е дека можа да аплицираат граѓани на матичната општина за добивање ваков социјален стан на ранлива категорија граѓани, така што очекувам дека повикот сега ќе биде добро распространет низ јавноста овде за да можат граѓаните кои што им е потребно да аплицираат и да добијат социјален стан.,, вели Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.
Социјалната зграда во Струмица има вкупно 37 станбени единици. Од нив 4 беа доделени на министерството за труд и социјална политика наменети за најранливите категории граѓани. Во нив пред година и пол како дел од процесот на деинституционализација беа сместени седум корисници од заводот за рехабилитација Бања Банско.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
