Македонија
11. March 2021 - 17:08

Ќе има ли одговорност за родилката која остана без три органи?

Министерството за здравство дури следната недела ќе заземе став за случајот со родилките од Дебар кои го обвинуваат за лекарска грешка гинекологот и директор на Струшката болница Мухамед Асани.

- Јас пред некој ден спомнав што беше напишано во стручниот извештај и апсолутно не сакам да навлегувам во експертиза на колегите во делот на стручниот извештај, меѓутоа не е само стручниот извештај во случајов, има и други наоди. Тоа е наодот од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, тоа е делот од тој наод којшто е пратен во Обвинителството и ние во текот на следната недела тука во Министерството ќе ги разгледуваме сите наоди од сите институции и ќе заземеме став, изјави министерот за здравство Венко Филипче.  

Случајот во предистражна постапка го испитува и обвинителството. Од таму велат дека отворени се два предмети. Едниот е по поднесена кривична пријава од адвокатот на оштетените родилки, а вториот после извештајот на ДСЗИ за нелегална ординација во Струга.

-По прибирањето на медицинската документација, изјави на лица кои можат да дадат податоци, сите неопходни материјални и вербални докази, ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката. Кои конкретни дејствија се преземаат во моментов обвинителството не е во можност да сподели со јавноста, со оглед на тоа што станува збор за предмет кој е во фаза на предистражна постапка, одговорија од ЈОРМ

Пред два дена министерството за здравство ги објави заклучоците од стручниот надзор на Лекарската Комора за третманот на родилката Јулдиз Веапоска која по породувањето во струшката болница остана без 3 органи. Но, според извештајот на Комората не биле констатирани пропусти и грешки во третманот.

Во делот од извештајот кој беше приложен  до јавноста не е наведена причината зошто на жената при породувањето и се извадени матка, бубрег и јајник.

Од Лекарската комора најавија дека утре на прес конференција ќе ја објаснеле процедурата како се правел стручен надзор.

За овој случај  претседателката на антикорупциска  рече дека според неа лично не може некој да влезе во болница и излезе без три органи и тоа се да биде по закон и додаде дека не е етички на некој кој му се случувале вакви работи да продолжи да раководи со болница.