Афера „Мафија“- Опозицијата тврди дека се издавале легални пасоши на балкански нарко босови
Балкански нароко босови со лажен македонски идентитет добивале легални лични карти и пасоши со знаење на највисоките безбедносни и државни структури и со тоа слободно минувале граници, објавува денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ во т.н. афера „Мафија“.
На брифинг со новинарите лидерот на партијата Мицкоски вели дека имаат сознанија дека од 2017 до денес се издадени околу 200 вакви македонски документи за познати криминалци во источна Европа. Денеска објави информации за два од нив за кои партијата ги добила сознанијата и доказите преку „свиркачи“.
Македонски пасош во 2017 година, според брифингот на Мицкоски, наводно добил Јован Вукотиќ, шеф на познатиот Шкаљарски клан и еден од главните нарко босови на Балканот. Македонските документи Вукотиќ ги добил на име Георѓи Андонов.
При тоа, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека македонскиот документ не му е лажен, туку вистински и добиен преку македонски безбедносни структури. Како доказ го наведуваат исказот на Вукотиќ пред српски суд дека пасошот му е легален, дека на сликата е тој и дека се фотографирал на место каде што се издаваат пасоши. Познатиот наркобос со овој пасош наводно ги поминал границите на Македонија, Турција, Србија, Шпанија, Грција, Украина и Полска.
Македонски документи со име Џадин Амедовски, наводно добил и Седат Пекер. Пекер често е опишуван како водач на турската мафија, а се гони и за државниот преврат на Гулен и е во егзил. Тој, според брфингот на ВМРО-ДПМНЕ, поднел барање за македонска лична карта на 21 јануари оваа година во полициската станица во Драчево. А во текот на ноември имал средби и со македонски политичари.
„Србија отвори војна против криминалните испостави на овие два клана, чии водачи се во Црна Гора, додека Ердоган е во отворена војна со Пекер кој зел македонска лична карта откако официјално бил протеран од државава. Со други зборови, дали Владата на Заев и Спасовски овозможиле закрила, безбеден обрач на балканските мафијашки босови?“, коментираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од МВР засега без одговор околу аферата „Мафија“.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
