Професорите го обвинуваат директорот на средното уметничко дека ги вратил на настава со физичко присуство
Професорите од средното уметничко училиште преку допис реагираат за одлуката на директорот да се вратат со физичко присуство на настава. По решението кое е донесено на 10 март да преминат на онлајн настава, сега добиле наредба да се вратат редовно на работа за што добиле и дополнителна порака дека ќе треба да се потпишуваат на лист за евиденција на работните часови. Со оваа одлука не се согласуваат како што велат ниту професорите ниту родителите на учениците. Во услови кога до пред две недели имале над 10 заразени, а во изолација се сеуште 3 професори. Дополнително наведуваат дека е неразумно тие да одржуваат часови во училници кога се на сила рестриктивните мерки за заштита од ширење на вирусот и бројот на заразени расте.
Во дописот против одлуката за враќање со физичко присуство се потпишани 20 професори од училиштето а претставка со вакво барање испратиле и од советот на родители.
В.Д директорот кој е во изолација поради Ковид-19 во телефонски разговор за Сител вели дека претходно истите професори барале да не предаваат онлајн привремено туку како и од почетокот на годината да бидат со физичко присуство. Филип Сидановски вели одлуката ја донел со претходна дозвола од надлежните институции. Во моментов, вели дека тој и уште двајца професори се во изолација и има услови за настава во училиште. За дописот од Советот на родители не сакаше да коментира бидејќи било нелегитимно формирано како тело.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
