Македонија
26. April 2021 - 19:40

Полициски час од 21:00 - Од среда ќе работат терасите на угостителите, посебни правила и за празниците

За Велигден и Рамазан Бајрам нема да има полициски час, останатите денови граѓаните ќе можат да бидат надвор уште еден час. Комисијата за заразни болести предложи, а кризниот штаб прифати од среда во наредните 2 недели наместо од 20 движењето да биде ограничено од 21 до 5 часот наутро, а угостителските објекти да ги отворат терасите за гости. Олеснувањето на рестриктивните мерки се очекува да добие зелено светло на утрешната Владина седница.

-За претстојните верски празници, Велигден и Рамазан Бајрам, сабота кон недела и 12 кон 13 мај, нема да има полициски час и граѓаните ќе можат слободно да се движат, со почитување на мерките за заштита-носење маска и држење дистанца, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Здравствените власти тврдат дека олеснувањето на мерките е поради подобрување на епидемиолошката состојба со Ковид-19, намален бил бројот на новозаразени и на пациенти кои имале потреба од хоспитализација. Зошто се прекинува полицискиот час за Велигден и Рамазан Бајрам,а потоа повторно ќе важи, Филипче вели дека го зеле во предвид и чувството на граѓаните за да можат да одат во храмовите.

- Верските лидери земаа обврска сè што може да се организира надвор, тоа и да се стори. Со ваков начин на организација и одговорноста на граѓаните ќе нема прекршување на мерките. Едноставно, сите со сопствената одговорност да покажеме дека може да се функционира и во присуство на вирус, рече Филипче.

- Апелирам граѓаните за време на престојните свети празници да ги почитуваат мерките, изјави Илир Хасани, заменик министер за здравство.

Според последните податоци, на болничко лекување има 1422 пациенти во Ковид центрите во Скопје и низ државата. Клиниката за урологија веќе нормално функционира, а следна за враќање во нормала е и Пластична хирургија.