„Паѓаат“ маските на отворено, се враќаат свадбите со до 100 гости и музика, останува полицискиот час
Од 1 јуни маските на отворено да не бидат задолжителни. Да се дозаволат свадби на летните тераси со музика, но не повеќе од 100 гости. На една маса во угостителските објекти да можат да седат 6 лица. Ова се препораките на Комисијата за заразни болести за олеснување на рестриктивните мерки заради стабилизирање на состојбата со Ковид-19. Лекарите од комисијата бараат полицискиот час и понатаму да остане на сила од полноќ до 4 наутро. Предлозите во понеделник ќе се разглкедуваат и на Главниот кризен штаб, а се очекува во вторник да поминат и на владина седница.
-Засега останува полицискиот час како дополнителна мерка, во смисла да се ограничува дополнително групирање во одреден временски период, а ние будно ја следиме ситуацијата и понатаму, изјави министерот за здарвство Венко Филипче.
После ваквото олеснување на рестрикциите, се отвора прашањето дали децата од септември ќе следат настава во училиштата. Според Премиерот Заев ова ќе зависи каква ќе биде состојбата со коронавирусот во август, но тој лично е за физичко присуство во училниците. Како една од опциите да се реализира ова министерот Филипче покрај протоколи за безбедно следење на настава ја спомена и вакцинацијата на деца од 12 до 16 години со Фајзер која нема да биде задолжителна.
-Јас лично сум за настава со физичко присуство. Мислам дека ќе имаме стабилна состјба и сега ова, кога бројките се намалени, би требало да биде добра основа за настава со физичко присуство. Ако потоа има потреба ќе одиме со затварање или други мерки, рече премиерот Зоран Заев.
-Комисијата за заразни болести и МОН во наредниот период од сите препораки што се сега во сила ќе подготват еден протокол како би се одвивала учебната година од септември и за враќање на учениците на настава со физичко присуство.тоа можеби ќе вклучи и план за вакцинирање на деца од 12 до 16 години, рече министерот Филипче.
Засега се уште нема препорака за организирање концерти, но од Комисијата најавуваат дека откако ќе бидат изготвени протоколи од средината на јуни ќе се дозволи да се организираат и вакви настани.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
