Македонија
7. јуни 2021 - 16:38

Вакцинацијата во земјава со намалено темпо

Успори масовната вакцинација во земјава. Минатата недела од понеделник до петок прва доза вакцина против Ковид примиле 9.623 граѓани. Или во просек дневно биле вакцинирани помалку од 2000 лица, за разлика од пред 3 недели кога во еден ден првата доза им беше аплицирана на по 13.000 граѓани. 

Според количината на вакцини со кои во моментот располага државата намален интензитет на имунизација ќе има и наредните денови.

- Во моментов има некаде околу 10.000 вакцини за прва доза, што ќе бидат искористени во текот на неделава, информираа од Министерството за здравство.

И додаваат дека согласно новите количини на вакцини кои ќе стигнат во земјава ќе има зголемување на термините за вакцинација.

Освен најава дека ќе ги добиеме до 10 јуни, се уште нема точен датум кога ќе бидат испорачани половина милион дози од кинески Синовак. Нема прецизна информација ниту за донациите од Турција, Грција и Бугарија. Детали нема ниту за 200.000 вакцини Спутник, како и за останатата количина преку Ковакс кои требаше да стигнат до крајот на мај.

Во меѓувреме освен во Србија околу 2000 македонски граѓани досега се вакцинирале и на граничните премини со Бугарија во организација на компанија од Софија.