Викенд вакцинација со „Фајзер“ пред пристигнувањето на кинески „Синовак“
Во очекување на најголемата пратка вакцини половина милион дози Синовак кои утре треба да бидат испорачани во земјава со два авиони од Кина, во вакциналните пунктови и денеска имаше имунизација. Во салата Борис Трајковски се аплицираше Фајзер. Тимовите работеа само прва смена, а термин имаа повозрасни и граѓани со хронични заболувања.
Според податоците од министерството за здравство термин за вакцина чекаат околу 148.000 граѓани. Планот е сите да добијат барем една доза до 15 јули, по што ќе почне слободната вакцинација без закажување во сите пунктови ширум државата.
Здравствените власти подготвуваат и план од средината на идниот месец тимови да вршат имунизација и на терен во руралните средини и тешко достапните предели каде живее повозрасно население. Вакцинацијата и за овие лица нема да биде задолжителна.
Статистиката покажува дека само половина од граѓаните над 70 години примиле барем една доза.
Од друга страна досега во земјава комплетно заштитени од Ковид-19 се околу 215.000 граѓани.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
