Македонија
27. јуни 2021 - 19:42

Пристигнаа долгоочекуваните кинески вакцини, здравствените власти најавуваат масовна вакцинација низ целата држава

Со два авиони претпладнево на скопскиот аеродром пристигнаа долгоочекуваните половина милион вакцини “Синовак” од Кина. Спакувани во специјални пакети со шлепери беа пренесени во Поликлиниката “Јане Сандански” и Институтот за судска медицина, од каде ќе се прераспределуваат  во сите вакцинални пунктови во земјава. Кога ќе почнат да се аплицираат Државниот секретар во Министерството за здравство без конкретен одговор.

-Аплицирањето ќе биде наскоро за што навремено ќе бидете информирани, изјави Иванка Стојаноски, државен секретар во Министерството за здравство.

За каква вакцина станува збор и колкава е нејзината ефикасност третиот човек во Министерството за здравство не соопшти ваква информација.

-Јас не сум лекар, ќе ве поканам на утрешната трибина која е со почеток во 14 часот и е наменета за безбедноста на вакцините, рече Иванка Стојаноски, Државен секретар во Министерството за здравство.

За разлика од неа кинескиот амбасадор во земјава уверува дека “Синовак” е безбедна вакцина исто како и “Синофарм” и спречува тешка форма на Ковид-19. И двете се одобрени од СЗО, а во процедура е добивањето дозвола и од страна на Европската агенција за лекови. 

-Светската здравствена организација ја одобри вакцината Синовак за итна употреба на 1 јуни. Како и вакцината Синофарм, вакцината Синовак е исто така инактивирана вакцина. Кина сега вакцинира луѓе на возраст од 3 до 100 години. Во Кина се администрирани над 1,1 милијарда дози. Верувам дека вакцината ќе и помогне на Северна Македонија да изгради имунолошка бариера и да формира цврста линија на одбрана за заштита на животот и здравјето на луѓето, изјави амбасадорот на Народна Република Кина Џанг Ѕуо.

И за Синовак се потребни две дози, ревакцинацијата треба да се даде во период од 14 до 28 дена. Се препорачува и за бремени жени и доилки. 

Инаку ова е најголема пратка вакцини која стигна во земјава. Со 100-те илјади Фајзер кои беа испорачани во петокот, со прва доза можат да бидат вакцинирани над 300.000 граѓани. За да се забрза процесот на имунизација здравствените власти за од утре најавија дека дневно ќе боцкаат по 15.000 лица.