Македонија
16. July 2021 - 16:50

Олумчев: Масовната имунизација е единствена заштита од вирусот

Кога се гради колективен имунитет, со вакцинација треба да бидат опфатени сите категории граѓани вклучително и децата, смета епидемиологот Сашко Олумчев. Според него бројката на имунизирани ќе скокне кога ќе се опфатат и младите.

-Што се однесува до децата не може да ги изземеме, кога зборуваме за колективен имунитет кој ги опфаќа сите граѓани од еден ден до најстарите. Не можеме да издвојуваме категории бидејќи тие се дел од синџирот на заразност. Сите заболуваат. Сите кои можат да примат вакцина треба да примат. Еве јас го пријавив мојот 12,5 годишен син и чекам термин во понеделник да го вакцинираат, изјави д-р Сашко Олумчев, епидемиолог.

Епидемиологот се надева дека следните два месеци ќе имаме доволно извакцинирани граѓани, за наесен да можат да се спречат тешки компликации од делта сојот кој се повеќе се шири во Европа. Според доктор Олумчев наредниот период и кај нас се очекува да растат бројките на позитивни, но не очекува да имаме затворање на границите ниту ригорозни рестриктивни мерки како што беше со британската мутација.

-Очекувам дека ќе имаме зголемување на бројките на позитивни лица, меѓутоа што се однесува до клиничките манифестации не очекувам барем во моментот да ни се јават тешки клинички слики кои би не довеле до тешка состојба, смета епидемиологот Олумчев.

За уште поуспешна имунизација епидемиологот Олумчев вели дека треба треба подобро да им се објасни на граѓаните за придобивките од вакцините против Ковид, но и технички да се подобрат условите со повеќе тимови за да не чекаат граѓаните долго на топлото време.