Македонија
7. August 2021 - 17:09

Ќе се воведат рестрикции за Тетово - градот рекордер по нови Ковид случаи

Забрана за свадби и други прослави на затворено, а во внатрешноста на угостителските објекти исполнетоста да не биде повеќе 30 проценти и на една маса да седат максимум 4-ца гости. Вакви мерки само за тетовскиот регион до Владата препорача Комисијата за заразни болести по драстичното зголемување на бројот на новозаразени со коронавирусот. Од министерството за здравство најавуваат и засилување на контролите и на теренската вакцинација во тетовско поради малиот опфат од само 20 отсто, бидејќи дури 90 проценти од новите случаи не биле вакцинирани.

-Состојбата во Тетово е крајно сериозна и новиот бран е веќе пристигнат, а тоа беше за очекување бидејќи состојбата е слична секаде во регионот. Летните одмори донесоа голема фреквенција на движење и тоа беше очекувано, оттука мора да се вратат одредени мерки на сила за да се спречи поголемо ширење на вирусот, соопштија од МЗ.

Во моментот во Тетово има околу 400-тини активни случаи, што е една третина од вкуната бројка во земјава. Исто така во тамошната болница хоспитализирани се над 100 пациенти, трипати повеќе од Инфективната клиника каде  има 30-тина тешко болни од целата држава, а 5-мина се во критична состојба.

-Слична е симптоматологијата и како претходните соеви. Температурата е предоминантен симптом, кашлица, отежнато дишење, болка во градите, ова се доминантни симптоми овој сој. Вакцинираните генерално имаат поблага Клиничка слика, независно од возраста и тие кои се повозрасни имаат поблага клиничка слика и тоа е голема предност. Има од сите возрасти, изјави за Сител д-р Илир Демири, од Клиниката за инфективни болести.

Доктор Демири предупредува, доколку продолжи да се зголемува бројот на новозаразени Инфективна може да се наполни за едно деноноќие и затоа апелира граѓаните да бидат поодговорни и да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид.

-Борбата против Ковид не е обврска само на белите мантили туку е обврска на цела популација. Секој кој има симптоматологија треба да внимава и да не ги заразува околните, апелира инфектологот д-р Демири.

Не само на Инфективна и во тетовската болница, изминатиот период повторно почнаа да се хоспитализираат пациенти и во другите Ковид центри во земјава.