Нови мерки за влез и излез од државата
Ограничувања на граничните премини бара Комисијата за заразни болести. За влез или излез од државата граѓаните треба да покажат сертификат за комплетна вакцинација, негативен ПЦР тест или потврда дека ја прележале болеста, најави министерот за здравство. За оваа мерка дополнително ќе се разговата на утрешната Владина седница. Точно треба да се утврди колку стар треба да биде тестот, колку месеци по прележувањето ќе важи потврдата и до која возраст на деца нема да им се бара ништо.
-Утре ќе се разговара како за мерката, така и за времето, за тајмингот кога ќе биде тоа имплементирано, имајќи предвид дека многу граѓани сега се надвор од земјава, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
За сега не се планира полициски час, ниту намалување на работното време на угостителските објекти.
Новите рестриктивни мерки според здравствените власти следуваат поради драстичното зголемување на бројот на новозаразени и хоспитализирани со компликации од Ковид последниот период. Болниците во Тетово, Гостивар и Струга се исполнети со пациенти. Болни од овие градови и од Скопје викендов ја наполнија и Инфективната клиника и Инстутутопт за туберкулоза. Од денеска во функција се става и модуларната болница до Инфективна и ГОБ “8 септември”. Се отвораат и 3 тријажни Центри каде граѓаните ќе можат да побараат лекарска помош и согласно нивната состојба ќе им биде одредено каде и како треба да бидат лекувани.
-Еден дополнителен тријажен центар на Институтот за ТБЦ и два тријажни центри во рамките на Здравствениот дом, веројатно тоа ќе бидат поликлиниките „Јане Сандански“ и Ѓорче Петров. Направен е распоред на лекарите и согласно тој систем на постојана комуникација која ја имаме ќе бидат препраќани пациентите со цел да им се даде соодветно болничко лекување, рече Филипче.
Филипче истакна дека вакцинацијата добро се одвива по најавените. Минатата недела во некои денови имало и до 8000 граѓани на кои им била дадена прва вакцина.
Во меѓувреме Комитетот за имунизација донесе препорака трета доза да примаат трансплантираните пациенти, оние кои одат на дијализа и лицата кои се имуно –компромитирани. Овој процес ќе почне во текот на неделата.
Досега биле вакцинирани и 4000 млади од 12 до 18 години.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
