Македонија
18. August 2021 - 16:52

Вакцинираните и прележаните не добиваат решенија за изолација при контакт со позитивно лице

Вакцинирани и прележани граѓани иако биле во контакт со заразено лице не добиваат решенија за самоизолација. Мора да се појават на работното место и слободно да се движат. Бидејќи повеќе научни студии покажаа дека и тие можат да го пренесуваат вирусот совесни граѓани за да не ги заразат колегите и пријателите земаат денови од одмор зошто според новите протоколи не се ослободени од работа. Вакви примери има многу откако почна масовната вакцинација. Министерот Филипче вели дека ова се решава индивидуално. Епидемиолозите од Центрите за јавно здравје кои ја прават анкетата одлучувале кого да пратат во самоизолација.

- Специфично прашање и индивидуално се решава. Врз основа на интензитетот на контактите на заразените кои ги имале лицата околу себе, дали се вакцинирани, дали евентуално се направени ПЦР тестови и кога временски е потврден последниот контакт со заразениот, оттука епидемиолозите анализираат за секој од случаите поединечно, значи сега има различи категории граѓани и затоа има различен пристап, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Останува отворено прашањето како ова се спроведува во пракса имајќи во предвид дека околу 10 проценти од новозаразените биле комплетно вакцинирани.

- Десеттина проценти од сите кои се дијагностицираат во текот на денот се вакцинирани. Исто така, десеттина проценти од хоспитализираните се вакцинирани. Тоа што охрабрува е дека од вкупната бројка вакцинирани која во текот на вчерашниот ден достигна 600 000 многу малку се дијагностицирани. Бројката се мери во промили 0,002, што значи дека главниот проблем е во бројот на граѓани кои не се вакцинирани, рече Филипче.

Од 111 хоспитализирани во тетовската болница само еден бил комплетно вакциниран, а 6 примиле една доза. Состојбата во Тетово е повеќе од сериозна велат лекарите, последното деноноќие имале 192 амбулантски прегледи, а 7 пациенти починале.

- Ако продолжи трендот на 10 -15 приеми дневно нема да имаме веќе место ќе мора да праќаме пациенти во Скопје или другу градови, но и таму е полно. Апелирам дури и да не се излегува без потреба од дома зошто во Тетово ми се чини има заразени во секоја куќа, изјави за Сител д-р  Гзим Нуредини.координатор на Ковид Центарот во тетовската клиничка болница.

Десетина пациенти вчера биле примени и во модуларната болница до Инфективна која има капацитет од 70-тина легла.