Македонија
19. August 2021 - 16:35

Штипјани се налутија за новиот рингишпил - градоначалникот вели нема да се користи додека трае ковид бранот

Биолошка бомба му се заканува на Штип. Во услови кога бројот на активни и хоспитализирани рапидно расте, во единствениот парк во градот се паркираа камиони со опрема за монтажа на забавен парк или попознат како рингишпил. Станарите на околните стамбени згради се револтирани, што во услови на пандемија се дозволува масовно собирање без контрола.

- Како ќе се покажува сертификат кога ќе биде на отворено. Кој е болен, кој заразен, кој е вакциниран, мене тоа ме интересира, како ќе се докаже, кога овде ќе се измеша од младо до најстаро, изјави Љубица Шипакова, жителка на населбата 8-ми Ноември, Штип.

- Доволно е да пренесат на нивните родители, изјави Зорица Арсова, жителка на населбата 8-ми Ноември, Штип.

- Во ова време на вируси и пандемии, јас не знам дали е ова нормална работа што се прави, изјави жител на населбата 8-ми Ноември, Штип.

Градоначалникот Сашко Николов во телефонски разговор појасни дека одобренеието за поставување на монтажен објект е издадено пред заострувањето на епидемиолошките мерки, но поради влошување на здравствената состојба со Ковид 19 ќе биде забранета работата на забавниот парк. Мештаните со овој проблем се соочуваат со години наназад, зашто не се исполнуваат основните хигиенски услови.

- Нашиот влез во зградата е јавно ВЦ, преку ден и преку ноќ. Ние не можеме да бидеме чувари, зашто подрумите ни се отворени, додаде Арсова.

Лани беше поднесена и петиција до општината да не се узурпира зелената површина.

- 2000 луѓе стојат зад таа петиција. Дали секоја година со истото ќе се соочуваме? Ако еднаш им е кажано дека не се пожелни овде, треба да знаат дека тоа е засекога, изјави Арсова.

Паркот во населбата 8-ми ноември е предвидено да биде место за одмор и рекреација.