Македонија
25. August 2021 - 16:52

Почнаа уписите на штипскиот универзитет - место за 4.100 студенти

Денес, утре и задутре, штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ го отвара вратите за првиот уписен рок за идните студенти. На 12 факултети и 3 академии има слободни места за 4 100 бруцоши. Заради поголема атрактивност, а во согласност со барањата на стопанството, УГД изврши ре-акредитација на студиските програми.

-Се следеа сите модерни текови во Европа и Светот, по светските програми на различни светски универзитети. Сето тоа е ре-акредитирано во нови студиски програми. Обемот е намален, па така во моментот имаме околу 70 студиски програми кои што верувам ќе бидат од голем интерес за сите заинтересирани завршени средношколци- изјави Мишко Џидров, проректор на УГД-Штип.  

Обезбедени се 300 стипендии, а ослободени од партиципација се сите студенти кои ќе се запишат на насоката македонски јазик на Филолошкиот факултет и по 10 најдобро рангирани на техничките факултети, Информатика, Образовни науки и Музичка академија.

-На факултетот по медицински науки, 30-те најдобри средношколци, со најдобар просек, ќе бидат ослободени од плаќање партиципација за прв и втор семестар- додаде Џидров.

Теоретската настава во првиот семестар ќе се одвива он лајн, од причина што процентот на вакцинирани млади лица се уште е многу мал.

-Практичната настава ќе биде комбинирана, односно ќе може да се одвива и он лајн и организирано во нашите лаборатории, но сепак ќе мораме да ги следиме сите оние препораки кои ќе дојдат во наредниот период- изјави Џидров

Поради актуелната влошена здравствена состојба, поголем дел од факултети се одлучија испитите да се полагаат он лајн.