Заврши изградбата на социјалната зграда во Пробиштип
Заврши изградбата на социјалната зграда во Пробиштип, со што се ќе овозможи решавање на станбеното прашање на 48 семејства од социјално ранливите категории на граѓани.
-Секоја станбена единица е шанса за подобар живот на наши сограѓани. Со програмата на изградба и одржување на станови во изминатите години се изградени околу 750 станбени единици, а во овој момент во тек на изградба се преку шестотини вакви станови на осум локации во осум општини во државата“, изјави Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.
-Очекувам дека после Нова година и поголемиот дел од социјалните згради што ги започнавме во последниве две години ќе бидат при крај и дека во утврдените временски рокови ќе бидат распределени на граѓаните на кои што им се најпотребни“, изјави Кристијан Трајковски , генерален директор на АД За Стопанисување со станбен и деловен простор.
Становите се со површина од 35 - 45 м2, а ќе бидат распределени во транспарентна постапка согласно методологијата на бодирање на кандидати по завршување на Локалните избори.
-Јас ги знам проблемите на овие сограѓани кои ќе можат да аплицираат и да решат еден децениски, долгогодишен проблем, односно да имаат свој кров над глава, изјави Драган Анастасов, градоначалник на Пробиштип.
Вкупната сума за реализација на проектот изнесува близу 69 милиони денари. Одговарајќи на новинарско прашање до каде е постапката за донесување на новиот Закон за дивоградби, Бочварски истакна дека рокот за поднесување на забелешки од страна на граѓаните и сите засегнати страни е завршен.
-Во текот на наредните денови во Министерството за транспорт и врски ќе ги разгледаме сите забелешки темелно и веднаш потоа ќе го доставиме Законот до Влада, каде што ќе се дискутира дополнително, а веднаш потоа од Влада ќе биде доставен и до Собранието, вели Бочварски.
Во Парламентот ќе има можност за дополнителна дебата за новиот Закон меѓу пратениците.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар