Алармантна состојбата со Ковид-19 во Штип, слободни само две места
Само два слободни кревети останаа непотполнети во штипската модуларна болница. Растот на новозаразени во источниот регион го зголеми и бројот на Ковид пациенти на кои им е потребно болничко лекување. Деновиве повторно се активира и кочанската модуларна болница. Во штипскиот Ковид центар хоспитализирани се вкупно 53 пациенти. На ¾ од нив им е потребна кислородна поддршка, а 10 пациенти чија здравствена состојба е стабилизирана се сместени на кожното одделение. За разлика од првите 3 бранови, кога воглавно се хоспитализираа постари лица, сега дури 13 пациенти се на возраст помеѓу 30 и 50 години. Доминантно, хоспитализираните имаат проблеми со дишењето и пад на сатурацијата. Од раководството на болницата велат дека се добро кадровски екипирани и се во можност за кратко време да се реорганизираат и да помогнат на инфективниот оддел, но и дека претходниот бран во голема мера се одрази на финансиското работење на болницата.
- Се она што се трошеше во текот на кризата, вклучувајќи ги овде и медицинскиот кислород, личната заштитна опрема, сите лекови и снимања, дијагностички инвестигации и лабораториски наоди кои што се правеа, беа сериозен удар врз буџетот на Клиничка болница - Штип. Не ни е иста состојбата сега и пред корона кризата и нормално е дека долговите ни се зголемени, изјави Ален Георгијев, директор на Клиничка болница - Штип.
Од Министерството за здравство добиле уверување дека во текот на есента ќе има извесна компензација за потрошеното.
- Со помош од Фондот за здравство, со дополнителни средства, ќе успееме да горе - долу се вратиме барем приближно на нивото на коешто сме биле пред Ковид кризата, додаде Георгијев.
Во моментот со европски пари се реновира инфективното одделение, а со работа ќе започне за неколку денови.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар