Македонија
8. October 2021 - 16:38

Поднесено обвинение за Рашковски: Какви докази има Обвинителството против него?

Близу четири години поранешниот генерален секретар на владата, Рашковски ја злоупотребувал службената положба, тврди обвинителството за организиран криминал и корупција. Во обвинението кое против него денеска го поднесе, наведува дека тој спроведувал незаконски тендери, исплаќал хонорари на лица без ангажман па барал да му ги враќаат, а според обвинението, Рашковски и експресно брзо се богател, па успеал и предвреме да ги исплати сопствените кредити.

Во тоа, како што велат од обвинителството, Рашковски имал помош уште од шест лица кои директно ги добивале наредбите од владиниот ген-сек.

Најголемата финансиска злоупотреба од близу 17 и пол милиони денари, Рашковски ја направил со купување на компјутерски софтвер за брзина во сообраќајот, кабина за гласање и систем за биометриска идентификација.

Сите тие биле негов изум, а местејќи ги тендерите преку компанијата Инвока груп, Рашковски ги набавил за потребите на владата иако по откривање на скандалот, надлежните тврдеа дека за нив држаавата немала потреба.

Првообвинетиот јавните набавки ги спровел спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени во согласност со прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства, дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка во консултации со подизведувач и со учесници во постапката, во текот на постапката за јавната набавка комуникацијата не ја вршеле со користење на електронски средства преку ЕСЈН, туку лично, дефинирал технички спецификации што упатуваат на конкретен патент, не извршил имплементирање и обуки на она за што биле склучени договорите за јавни набавки, ​со што за четирите економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и им овозможил да се стекнат со имотна корист во вкупен износ од 17.474.137,00 денари.

Сумата од над 17 и пол милиони денари, според обвинителството не била единствената со која Рашковски го оштетил државниот буџет. Околу 20 илјади евра, биле исплатени на две лица со кои тој потипишал авторски договори, иако како што велат од обвинителството, воопшто не ги извршувале работните задачи. Единствено што требало да направат е дел од парите кои им ги исплаќала владата, да ги дадат на Рашковски.

Второобвинетиот и шесто и седмообвинетите согласно договорот што го имале со првообвинетиот за поделба на паричните средства подигнувале дел од исплатените средства во готовина со цел да му ги предадат на првообвинетиот. Со овие дејствија е нанесена штета на Буџетот на РС Македонија во вкупен износ од 1.320.000,00 денари.

Парите, велат од обвинителството, Рашковски веднаш ги пуштал во оптек, иако како што се вели во пријавата, знаел дека се од кривично дело. Сметките на сопствената и своите блиски ги наполнил со блису 100 илјади евра.

со намера да го прикрие потеклото на паричните средства во повеќе наврати, откако ќе ги добиел парите од кривичното дело, ги пуштал во промет вршејќи готовинска уплата на сопствените сметки и банкарски картички и на сметките на членовите на своето семејство, а исто така предвремено ги исплатил претходно земените кредити.

Со поднесување на обвинението, се бара и продолжување на притворот за Рашковски. Обвинителството бара и одземање на имот во висина од 5 милиони денари како обештетување на државниот буџет.