Македонија
13. December 2021 - 16:36

Државата треба да и плати на Дрисла за да ги уништи донираните вакцини со изминат рок

Донираните анти - ковид вакцини сепак чинат пари. Согорување на еден килограм ваков медицински отпад во печката во Дрисла чини 45 денари плус ДДВ. 

Засега нема точна бројка колкава количина вакцини против Ковид треба да се уништи поради поминат рок или не почитување на ладниот ланец, ниту колку пари од буџетот треба да плати Министерството за здравство. 

Покрај 13.000 дози Фајзер донација од Бугарија кои требаше да се искористат до крајот на септември, за уништување чекаат и донирани вакцини Астра Зенека поради истекот на рокот. Од овој производител летото добивме донации од Грција и Хрватска.

Во тек е процедура за уништување на околу 13.000 вакцини од производителот Фајзер како и повлекување во централното складиште на вакцини Астра Зенека поради поминат рок. Откако ќе се завршат тековните процедури МЗ ќе информира за постапката за уништување на истите, се вели во одговорот од здравство.

Од ЈП депонија “Дрисла” велат дека досега кај нив не била уништена ниту една вакцина против Ковид, ниту добиле најава за согорување на ваков отпад.

-Досега во ЈП депонија “Дрисла“  не е согоруван ваков медицински отпад конкретно анти – ковид вакцини, ниту имаме најава или барање за согорување. Инаку цената за согорување на ваков медицински отпад изнесува 45 денари за килограми плус 5 проценти ДДВ, изјави Јане Мицевски, в.д директор на ЈП депонија “Дрисла“ .

Инаку во моментот државата на располагање има околу половина милион вакцини Фајзер, од нив 200.000 се донација од Полска кои имаат рок до средината на идната година.