Подметнат пожар во депонијата во Кочани - котлината обвиена во чад и неподнослива реа
Кочанската котлина повторно обвиена во чад. Во градот и околината се шири неподнослива реа, а овој пат причина е пожарот на градската депонија. Од локалната самоуправа и јавното комунално претпријатие излегоа на терен и констатираа дека пожарот е подметнат и бараат помош од надлежните институции за пронаоѓање на потпалувачите.
-Во текот на денешниот ден поднесовме пријава до МВР, бидејќи имаме основано сомневање дека се работи за подметнување, односно пожарот е подметнат на повеќе места истовремено. Надлежните органи да го истражат случајот и ваквите неодговорни граѓани кои предизвикуваат пожари да бидат изнесени пред лицето на правдата- изјави Иван Иванов, директот на „Водовод“- Кочани.
Во гаснењето на пожарот ангажирана е механизација на комуналното претпријатие и противпожарната единица, а побарана е и стручна помош од специјализирана фирма, за третирање на запален отпад со нанесување на морски алги.
-Почнато е со дејствување, но бидејќи се работи за специфично гориво, овде согорува метан, гаснењето ќе биде многу тешко и ќе одзема многу човечки ресурси, енергија и средства- додаде Иванов.
Пред една недела Кочани се искачи на второто место во земјата по аерозагадување. Тогаш причина беше палењето на гуми и електронски отпад на диви депонии.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар