Македонија
16. February 2022 - 16:33

Диви продавачи и се спротивставија на полицијата во Струмица

Група граѓани  крадат текстилна стока од полициско возило и тргнуваат во бегство. Вакво видео се шири по социјалните мрежи на кое се гледа како за време на полициска акција во центарот на Струмица неколку лица го попречуваат возилото на полицијата да тргне, а други го отвараат задниот дел и ја одземаат стоката која претходно им била запленета. Инцидентот се случил вчера на булеварот Маршал Тито кога  полицијата во координација со државниот пазарен инспекторат  спровела една од редовните акции кои се прават со цел сузбивање на уличната трговија со текстил и узурпација на сообраќајните  површини. Од СВР Струмица го потврдија настанот и велат дека веќе работат на утврдување на идентитетот на лицата  учесници во инцидентот по што ќе бидат поднесени кривични пријави.

,, Секторот за внатрешни работи Струмица во изминатите месеци континуирано презема мерки за санкционирање на нелегалните продавачи на текстил, кои се поставуваат на тротоарите од булеварите ,,Ленинова,, и ,,Маршал Тито,, во Струмица, со што вршат узурпирање на сообраќајни површини. Ваква активност во координација со ДПИ била преземена и на 15.02.2022 година на булевар ,,Маршал Тито,, во Струмица, при што била одземена текстилна стока од такви продавачи на текстил, но групата продавачи презеле дејствија со цел насилно да ја одземат стоката. Секторот за внатрешни работи Струмица презеде мерки за утврдување на идентитетот на сите лица учесници во настанот и против нив ќе биде поднесена кривична пријава поради кривично дело ,, учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“ по чл. 384 од Кривичниот законик.,, вели Александра Трајанова- портпарол на СВР Струмица.

Од полицијата информираат дека преземањето на мерки и акции како што била вчерашната е дел од заклучоците донесени на претходните седници на Локалниот совет за превенција на општина Струмица.  додаваат дека ваквите инциденти нема да ги поколебаат институциите во вршењето на нивните задачи, а  СВР Струмица во координација со Држвен пазарен инспекторат и во иднина ќе продолжи со истите со цел санкционирање на ваквите нелегални продавачи кои вршат и узурпирање на сообраќајни и јавни површини.