Македонија
20. March 2022 - 16:33

„Гласен текстилец“ стравува дека ќе следуваат отпуштања

На над 80/000 вработени, претежно во трудоинтензивните дејности, за месец март треба да им биде исплатена минимална плата во износ од 18.000 денари. 

Од „Гласен текстилец“ стравуваат дека работодавачите во следниот период ќе делат откази поради наводно кршење на ред и дисциплина или не исполнување на нормираниот учинок од страна на работниците. 

-Здружението во текот на изминатиот период, од моментот на подготовка на измените на Законот, испрати апел до работниците да не потпишуваат никакви документи, изјави или спогодби, се додека не се консултираат со правниот тим на „Гласен текстилец“ од Штип- изјави Иван Николов, правник - Гласен текстилец.

Работниците не смеат да потпишуваат ниту договори од неопределено на определено работно време или да враќаат пари, што беше честа пракса посебно во текстилната индустрија.

-Секое враќање на дел од плата на рака на работодавачот претставува кривично дело и за тоа имаме поднесено неколку кривични постапки пред надлежните јавни обвинителства во државата, додаде Николов.

Од „Гласен текстилец“ стравувањата ги базираат на фактот што повторно се манипулира со Законот за работни односи, бидејќи 46 компании не исплатиле ниту денар за регрес за годишен одмор.