Ковачевски во увид на градежните работи на браната Конско
80 проценти од градежните работи на браната Конско кај Гевгелија веќе се завршени. Нејзината реализација ќе овозможи наводнување на нови 4000 хектари земјоделско земјиште. Освен наводнувањето кое е клучната функција на браната таа ќе се користи и за производство на електрична енергија, како и за развој на туризмот, риболовот, спортот и рекреацијата. Според премиерот Димитар Ковачевски кој изврши увид во градежните работи на браната ова е еден од најголемите капитални проекти на Министерството за земјоделство, и најголем инфраструктурен проект во гевгелискиот регион каков што немало во изминативе 50 години.
„Оваа вештачка акумулација позитивно ќе влијае на регионот од повеќе аспекти. Клучната функција на браната „Конско“ како дел од хидросистемот „Гевгелиско поле“ е навремено обезбедување на чиста вода за наводнување на земјоделските површини. Со тоа се создаваат неопходните услови за развој на конкурентно земјоделство, зголемување на производството на храна и на регионалниот економски развој. Со изградбата на браната се обезбедува наводнување на нови 4.000 хектари земјоделско земјиште“, рече премиерот Димитар Ковачевски.
Изградбата на браната Конско чини 40 милиони евра. Со реализацијата на овој проект кој подразбира ново вештачко езеро и нов систем за наводнување можностите за наводнуваните земјоделски површини се зголемуваат за пет пати.
„Навременото и редовно наводнување на земјоделски површини коешто ќе се овозможи со оваа брана е клучен предуслов за квалитетно производство. Изминатите години ова беше голем проблем за земјоделците и им ги зголемуваше производствените трошоци. Со браната ја обезбедуваме потребната вода за наводнување во текот на целата година. Тоа значи помали трошоци и поконкурентно земјоделско производство“, рече Љупчо Николовски, министер за земјоделие.
Браната Конско е дел од хидросистемот „Гевгелиско поле“, којшто опфаќа три потсистеми за наводнување во Гевгелија, Богданци и Дојран. Овие три системи заедно ќе обезбедуваат вода за вкупно 6.500 хектари нето земјоделска површина во јужниот дел на државата.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар