Сител со украински бегалци: Како е да се живее во Македонија?
Избегавме од Украина на минус 10 степени, сега сме во Скопје на плус 26 степени каде што нема опасност дека ќе ни експлодира бомба под прозорецот, сведочи украинката Оксана. Една од најтешките одлуки кои морала да ги донесе било границата да ја помине само со нејзината 15 годишна ќерка. Останатите три деца морале да останат во воената зона, бидејќи се полнолетни. Благодарна е што нашата земја ги примила, но вели неизвесно е до кога ќе трае војната и колку време ќе треба да остане во Македонија. Трошоците вели секојдневно растат, работа не може да најде бидејќи не знае ниту македонски, ниту англиски јазик, а нејзината ќерка мора да го продолжи образованието.
Оксана со нејзината ќерка престојуваат во стан од хуман скопјанец кој им дозволил бесплатно да го користат, помош добиле и од Црвениот крст, но и меѓусебно си помагаат со нејзините сограѓани кои спасот од војната го пронашле во Скопје. Вели не бара ништо од државата освен помош од професори по руски или украински јазик кои ќе и помогнат на нејзината ќерка да не заостане со школувањето, бидејќи на бегалците не им е овозможено образование и бараат да бидат здравствено осигурани.
Во Македонија во моментов престојуваат над 400 украинци. Повеќето од нив со различни проблеми, но онаму каде што на сите им се вкрстуваат патиштата е спасот од војната кој го побараа токму во нашата земја.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
