Македонија
16. May 2022 - 19:43

Истражување: Колку од младите веруваат во политиката и дали сакаат да бидат дел од политичката сцена?

Повеќе од половина млади луѓе ретко или никогаш не ги следат и не се заинтересирани за политичките настани и случувања во земјава, а високи 80% од сметаат дека воопшто не можат да влијаат врз тоа што и како работат властите, покажа последното истражување на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Како причина за овие бројки е недовербата во институциите, но и  малиот број на млади лица кои се вклучени во политиката.

Во Законодавниот дом пак, има само девет млади пратеници- активистите со предлог 1/3 од кандидатите за парламентарни избори да бидат млади луѓе, со што би биле поблиску со работата до оваа возрасна група.

Но како да се зголеми интересот кај младите да се занимаваат со политика?

Една од препораките на Фондацијата за демократија е:

Политичките партии да соработуваат со подмладоците, да ги вклучат младите во своите органи и тела и да формираат комисии за млади во своите структури.

И претседателката на Центарот за еднакви можности Буба мара, Рита Бехадини смета дека за вистински промени во општеството младите треба да учествуваат во политиката и да бидат дел од политичките партии.

Меѓу статистиките на Фондацијата за демократија, стои и дека шест од десет млади луѓе доколку имаат шанса би се иселиле од Македонија, а исто толкав број се незадоволни од своето место во општеството.

Како би се подобрила состојбата за оваа група лица, премиерот Ковачевски најави дека младите ќе се најдат високо на агендата на Владата, а главна цел ќе биде да се зголеми довербата на младите во институциите.