Универзитетските професори утре на протест, Шаќири апелира да нема штрајк во јунската сесија
Протестот нека биде предупредувачки, но без бојкот на јунската испитна сесија за да нема последици по студентите. Ова е пораката на првиот човек во образованието кон универзитетските професори кои утре пред платото на Ректоратот со собир ќе го искажат револтот поради непотпишување на Колективниот договор и ниските плати. Јетон Шаќири побара преку дијалог да ги надминат проблемите а повеќе финасии на трансаксиските сметки ќе имаат од септември.
- И ова не го гледам како добра постапка на синдикатот затоа што никогаш, ни од мене, ниту од Владата, не е кажано дека нема да има разговори и прекин на разговори и дека нема да имаат подобри услови. И во преговорите со СОНК баравме разбирање заради некои економски показатели кои не беа и не зависеа само од образование, туку и од економски движења кои не се само во нашата земја, туку и во регионот и подалеку. Како што имавме социјален дијалог за основно и за средно образование, отворен сум за соработка и ја очекувам со репрезентативниот синдикат за високото образование, изјави Јетон Шаќири, министер за образование.
Шаќири вели дека со ребалансот на буџетот има пари и за високото образование и очекува по протестот, да седне на маса со репрезентативниот синдикат.
- Треба да се разговара за начините на финансирање, кои се различни на високообразовните институции, и ако добро се организираат буџетите може, да се постигне поголем успех, изјави Шаќири.
Синдикатот на УКИМ ги повика сите вработени на универзитетот да излезат на утрешниот протест со предупредување дека ако не им бидат исполнети барањата ќе штрајкуваат за време на јунската сесија.
Минатиот месец десет дена без настава беа и учениците од основните и средните училишта поради штрајкот на СОНК за истите барања, за што веќе постигнаа договор со власта.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
