Обвинение за Лидија Димова за злоупотреба на европски пари
Обвинителството одлучи да ја гони поранешната директорка на агенцијата за образовни програми Лидија Димова, за злоупотреба на европски пари. Покрај Димова, обвинителен акт ќе има и против благајничката на агенцијата и надворешен соработник. Според Обвинителството обвинетите направиле штета на средствата со кои Европската заедница од околу 320.000 евра.
Димова во периодот од 2018-2020 година ја злоупотребила службената положба и без да објави јавен конкурс склучувала договори со надворешни лица и ги ангажирала како соработници, што е спротивно од Законот за јавни набавки.
Во 2018 година Димова во пет наврати постапила спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на парични средства сопственост на Буџетот на РСМ или средства со кои управува Европската заедница или се управува во нивно име, не објавила оглас за јавни набавки, не ги почитувала општите правила и не спровела постапки за јавни набавки од делокругот на тековното работење на Агенцијата, туку склучувајќи договори со четири правни лица им овозможила на истите да се стекнат со имотна корист.
На надворешниот соработник пак, преку агенцијата му биле исплатени околу 58.000 евра со тоа што прикажувал лажни податоци преку обрасци со објаснување дека тоа му е аванс за службено патување. Оваа сума на пари му била исплатена преку третообвинетата, односно благајничката во агенцијата.
Благајничката пак обвинителството ќе ја гони бидејќи му ги исплаќала парите, иако немале потпис од Димова ниту соодветна документација.
Пред повеќе од година и половина Димова беше разрешена од директорската функција, поради скандалите со нејзината агенција која даваше грантови на фризерница во висина од 270.000 евра, но и за тренинг на магариња на кавадаречко училиште кој чинеше 83.000 евра.
Димова досега ги негираше сите обвинувања, а по разрешувањето поднесе и тужба и против Агенцијата.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
