Македонија
3. јуни 2022 - 19:55

Продолжи расправата за нови уставни судии

Додека Уставниот суд предупредува на уставна криза до крајот на годината ако не се изгласаат нови уставни судии, партиите меѓусебно се препукуваат чив кандидат за уставен судија е попартизиран.

На денешната Комисија за избори и именувања не се утврди ниту еден предлог за уставен судија, иако во текот на целиот ден се дискутираше за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, универзитетската професорка Родна Живковска.

Според СДСМ, Живковска е истакнат професионалец, но сепак уставен судија треба да биде независен кандидат, а не некој што е поврзан со партија, во случајот Живковска со ВМРО-ДПМНЕ.

Во текот на целата расправа пак, се јавуваа пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и членови на Комисијата но и оние што не се дел од неа- сите со украсни епитети за професорката го бранеа својот предлог пред Комисијата. Велат од СДСМ не можат да зборат за поставување партизирани лица на функции, бидејќи свои луѓе си поставиле и во Академијата за судии и во Судскиот совет.

Вчера Комисијата го утврди предлогот на СДСМ, судијата Фатмир Скендер да биде дел од Уставниот суд. Простор има да се утврдат уште два кандидати.