Македонија
4. јуни 2022 - 16:38

Стартуваше полагањето на државната матура

Матурантите го полагаат првиот испит од државната матура. За мајчин јазик се пријавиле 15 899 ученици. Испитот почнал навреме во сите училишта а се полага на три јазици македонски, албански и турски јазик. Надлежните очекуваат добри резултати и покрај тоа што оваа генерација ученици една година учеа онлајн а губеа настава и поради штрајкот на наставниците.

Ова е првиот задолжителен екстерен испит, следниот е на 13 јуни кога се полага изборен предмет. Најмногу се пријавиле за англиски јазик. Оние кои нема да положат државна матура ќе добијат втора шанса во август.

Матурантите од генерацијата 2019/2020 не полагаа државна матура поради пандемијата. Средната оценка од ланската матура беше 3.61. Поради различниот фонт на часови кои се изучуваат за предметите кои се полагаат, министерот најави нов концепт на државна матура за гимназиско, стручно и уметничко образование. 

За незадоволството на универзитетските професори министерот вели со ребалансот на буџетот веќе се предвидени повисоки плати од септември. Најави дека ќе се разгледува модел за дополнителни можности за финансирање на сите универзитети, по примерот на Бугарија каде покрај основната плата, има фонд на истражување, па професорите кои ќе објават труд  добиваат средства од тој фонд. Шаќири ги покани  сите синдикати заеднички да изнајдат решенија.