Се уште нема интервентна мерка за откупот на зелката
Производителите на зелка се уште ја чекаат најавената интервентна мерка која им беше ветена поради ниската откупна цена што ја имаше пролетниот турнус. И после речиси два месеци од првиот состанок со надлежните, немаат информации дали и кога ќе ја добијат поддршката. Драги Памуков кој е дел од работните групи вели дека во моментов не биле познати ниту условите за субвенционирање, ниту пак точната висина на сумата што треба да се исплати.
Памуков смета дека многу се доцни со оваа интервентна мерка и затоа апелира до надлежните на што побрзо дефинирање на условите за да може земјоделците да ги подготват нивните апликации.
Од Министерството за земјоделие нов состанок најавуваат за следната недела. Потенцираат дека интервентната мерка ќе била дефинирана заедно со производителите.
„Министерството постојана ја следи состојбата на терен и е во непрекината комуникација со производителите на зелка. Одржани се неколку состаноци а во најава е и уште еден состанок кој треба да се одржи следната недела. Се анализираат податоците за откупени количини на зелка, и просечната откупна цена. Интервентната мерка за поддршка ќе се дефинира заеднички со производителита“, информираа од МЗШВ.
Од таму додаваат дека министерството секогаш е на страната на земјоделците и за таа цел бил донесен и национален план за производство на храна, а за прв пат бил креиран Интервентен фонд чија почетна вредност беше 400 милиони денари, а со ребалансот на буџетот ќе биде дополнително зголемен за плус уште 500 милиони денари или вкупно 900 милиони денари во буџетот наменети за поддршка на земјоделското производство.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар