Македонија
14. јуни 2022 - 16:34

Поскапуваат такси услугите во Штип

Штипјани од утре ќе плаќаат 30 % поскапа такси услуга. Такси превозниците во градот се договорија, стартот да чини 70 денари, а секој изминат километар да се наплаќа по 25 денари, што значи дека се укинува и гратис почетниот километар. Одлуката е донесена заради енормниот раст на цената на нафтата.

- Било која мерка да ја преземе Владата, нема да може да ја намали цената повеќе од 5 до 10 денари, а нафтата сигурно ќе се покачи до 2 евра, 120 денари. Значи што и да реши Владата, под 100 денари нема да биде, а нам традиција ни е веќе 20-30 години, литар гориво старт, односно, колку чини литар гориво, толку е стартот, изјави Глигор Арсов, претседател на такси превозници - Штип.

Такси превозниците очекуваат промена на Законот за патен превоз по урнек на хрватскиот модел, поточно, либерализација на цената на услугата, секоја компанија да носи одлука колку ќе наплаќа. Такси превозот е единствена опција за штипјани, зашто неодамна пропадна тендерот за јавен автобуски превоз.

- Превозниците треба да возат по една одредена цена, да дадат понуда, а немаат стабилност на пазарот, така што претпоставуваме дека тоа е една од главните причини за незаинтересираноста, изјави Оливера Блажевска, инспектор за сообраќај - ЛС–Штип.

Локалната самоуправа ќе распише нов јавен повик со изменети услови во однос на цените и субвенциите кои ги дава општината.