Македонија
24. јуни 2022 - 12:28

Хуманитарна акција на волонтерите на Црвениот крст од Струмица

20 младинци, волонтери во Црвениот крст реализираа четири мали проекти кои имаат за цел да ги поттикнат хуманите вредности во заедницата, но и да го подобрат секојдневието на одредени целни групи. Благодарение на нив струмичкиот парк доби специјализирана лулашка за лица со попреченост, а  на три локации направија   паркинг места за велосипеди.

Волонтерите на Црвениот крст работеа и во селото Вељуса во кое направија парк, а едно девојче, бегалец од Украина доби работа, но и велосипед со кој секој ден патува.

Сите проекти се реализирани со поддршка на општествено одговорни компании и индивидуалци, а дел од средствата се собрани преку различни базари и хуманитарни акции. Од општинската организација на Црвен крст во Струмица велат реализацијата на овие проекти покажува дека младите ги воочуваат проблемите во општеството и затоа треба многу повеќе да се работи на ова поле.

Проектот, Црвен крст во акција промоција на хумани вредности се реализира веќе 20 години. Годинава во реализација на програмата на ниво на држава беа вклучени 800 волонтери од 32 општински организации. Оваа програма претставува и претставува национална алатка за регрутирање и задржување на млади волонтери.