Македонија
20. July 2022 - 16:37

Министерот Сали бара време за да утврдат дали Жан Митрев работел по закон

Министерот за здравство се уште нема конкретен одговор како била применувана хемофилтрацијата во Клиничката болница “Жан Митрев“.  Беким Сали во три дена, два пати на прес, бара дополнително време за да ја откријат вистината. Неколку здравствени инспекции и стручни комисии испитувале како е применувана методата и дали болницата правела клинички испитувања врз пациенти со Ковид.

-Во тек се активности во Лекарската комора по однос на вршењето на стручниот надозр и ги очекувам информациите. Јас чувствувам длабока одговорност и решен сум случајот да добие разрешница. Мора да има систем што функционира и ќе ги заштитува пациентите. Никој не е над законот , ова нема да биде заборавен случај и ќе го тераме до крај, изјави министерот за здравство Беким Сали.

За министерот Беким Сали експеримент врз пациенти е тежок збор додека не се докаже. Тој направи споредба со брзото возење низ градот, ако некој вози 200 км на час ќе одговара само ако го фатат.

На прес конференцијата која траеше еден час беше посочено дека во изминатите 3 години во Болницата “Жан Митрев“ биле направени 3 редовни и 9 вонредни надзори од страна на ДСЗИ.

По објавената емисија на ИРЛ предмет отвори и јавното обвинителство, a Жан Митрев во понеделникот најави дека ќе покрене правна постапка.